Зоран Анчевски. ИЗБРАНИ ПЕСНИ 1. Кафез од зраци и знаци ВРАТИ Напролет отвораат ко кратери се отвораат отвораат дишејќи внатрешна тишина шепотат Пријателу изгубен си те нема МИНСТРЕЛ 1 Роден онаму каде сенка од живите не смее да падне стар како болка постар – ко најстара сказна времето го длаби со песна МИНСТРЕЛ 2 При- Зрак без очи седнат в сенка Во о- Чајот е спремен седи песна следи МОСТ Скаменет скок меѓу два сона Вртоглавиците си заминуваат заедно со луѓето а тој достоинствен е ПАТУВАЊЕ Тргни по острината на трнот окото што го бара кајшто исчезнува последниот корен ко крик во безводна лака Погледни во прстот на сенката се соединува светот тивко безмилосно во море од пердуви сонот се мрешка Таму мислата ко едро се напнува кораб е што тагата на птица изморена ја следи кон испружените раце на ѕидиштата коски од камен безвремен – збор набабрен едри ИНСЕРТ 1 Кога во заклучени соби се криеме како во темнината на окото или во удвоените тајни на срцето погребувајќи ја светлината засекогаш останувајќи во отсутноста на погледот што однатре не разјадува како нагоре завртена семенка на дождот в небо што треба да се забие тогаш ги откриваме јатките на зборот – крајни завршетоци на чувствата а мислите ги соголуваме за тешката нежност на прстите ИНСЕРТ 2 Потоа назад во плачот Од удвоените тајни на срцето – во плачот во око изморено од тајни во уста спремна за збор траен Од скршената линија на ветрот – до стапалка осамена што в пустина око бара пеејќи Скришно крај сите огради – назад во окото во плачот во окото... Таму таму се сите стрели загубени ИНСЕРТ 3 по – Некогаш само сол – за солзи без – надеж(н)и по – Тоа е Молк по – Следен крик на Ножот ИНСЕРТ 4 По – некогаш должината на слепите улици те збунува и часовникот стар што напред е од своето време и светот што стегнат во цврстина од време – трае Колку ли Скили и Харибди во здивен вител зад тебе ќе се затворат и колку ли желби ќе ти се смеат од темнината на Олимп во безусловна покорност држејќи те? И- така распеана солза ко мисла за Великиот кој со гол меч кон нервниот јазол на иднината се приближува итро – чека ИНСЕРТ 5 Ко западен ветер што богови со божилакот раѓа во градите пената морска ти се насобрала и миг чекаш за в дождовна капка тишината да ја родиш (со песна во која плачот се стуткал птиците гнезда си размножуваат... Ти болката на погледот ја знаеш што во тишината се запрел да бара сенка но зракот што лази по твојата веѓа е спремен за скок во окото и игра ИНСЕРТ 6 (Патување кон Итака) 1. Осаменоста плови по длабоки мориња во високи кораби На јарболите безброј обесени Одисеи Само месечината како месечар танцува на површината Музиката во рацете на музите никогаш не умира * * * Бели заоѓања на Огнот (сетно небо... Празни бродови на тишината (молчалив брег... Закоравени прсти (ноќна жега... Каде (расчекорена желба... ? ! Далеку ли е крајот чуден крстопат... 2. Исеченото небо лее бела крв врз телата на морнарите – палуби на отворено месо Јас Посејдон морето го испив а галебите сè уште јадат мртви риби ИНСЕРТ 7 Се фрлаш в кревет со порцеланска харфа Еј Еј Орфеј Егеј- от далеку се смее на секој обид да се стигне до Лавиринтот Мислите доцнат скршениот Стожер на времето ти пречи линијата на ѕвездите ти претскажува нова неизвесност смрт на Бог Смрт Едриш со харфа од ветер патување те чека Лавиринтот прстот цврст ко јарбол мислата едро поаѓаш со музика НЕВРЕМЕ О срж – и ’рж – и облак на ветрот С ’ска ’рска плуска гнои па рои порои од небо ведро ВРАЖИВИР Вириште вири врти врагот шири оро демонско вие ’ржи копитарот кружи ко око ко О лока клука темниот поткопува рие палениот клокоти се коти скотот котка меур кломбурец спотна клокоти клокоти... се окоти ПРОЛОГ Постојат премногу идеи за исказ (а излез е еден од Лавиринтот) па затоа што да населиме меѓу овие наводи „ “ кој знак збор директен ин- говор дискретен цитат плагијат тек на свеста што ќе го закопа (шу)мол(ч)ењето на глупоста и ќе го открие (под)земниот кикот екот татнеж на (с)мислата КЛЕТВА Облечен во неколку сенки од знаците потајум се восхитувам и чукам на твојата порта со празни раце и проѕирно срце „Дабогда распукале сите твои слова саѓе ти фатиле кориците мувла мислата Тргни ја оградата и сруши го ѕидот меѓу нас; смири го многуглавиот пес на (с)мислата и отвори го патот за да влезам во Лавиринтот Да го чујам само џагорот на Вавилон и потоа ко лелеава сенка пак да ме снема“ Ноќта постојано надоаѓа и се пласти... Јато гулабици исплашено првнува... ПОТИШТЕНОСТ Не вчера не сега не утре никогаш во ништо да се нема верба Збор што самиот се гризе разјадува и празни а би збор сè би од збор сега празно сè е празно ПРКОС ситно се сипам се сеам се ситам се смеам во песочникот – часовникот пррррррр- косам еј, Времееееј не ме јадеш гризеш јас пак ќе с(е)вратам СНЕГ Се сее сè е сè а не е сее сè е Си сее сè си е си е е сè а не е СЕНОКОС коса коси откос сено си коси откос по откос множи – стог сложи сонцето со облак се гложи потоа роси... ...птица црна по полето проси ЧИТАЊЕ На Андрејко Каква радост е откритието на јазикот неговото топло присуство во мракот во нашата сопствена стерна да жубори жеголи и глаголи да џивка гуга и џавка да изглаголи збор што е ехо на мајчиниот запишан во крвта трага од некоја претходна трага тррра- га... га... га... Каква радост со мал напор на јазикот да го придвижиш светот ФРЕСКА Кандилата гладуваат во ноќта Ископаните очи се дупки во времето низ кои скржаво се цедат тајните на исконот Тоа рига рика внатрешноста – бескрајна стрв на Огнот од рака незапален Стра(в)ст во крвта населува и со м(р)ачна клетва молитвата ја реже за никогаш да не се изгуби ужасот мигот што светот сè уште го чува цел ДРЕМКА Пладневен замор во вилиците се вгнездил. Во жиците на гласот расплоден сон езди, сред врелината чепка, зуи ѕуни бразди низ черупката... Од тишина тешка благо ветре во жилките во јатокот те- лесен омарнини си плете. УГАР Гори угару – сека стрнка семка зер огнот до кајшто гори дотаму гладта наша е набркана зер огнот смрт не е ами само болка прастара преголема – родилна ОВОЈ СВЕТ Не за организми ами за оргазми овој свет е скроен. Затоа се тресе, се грчи и прета, се прпелка во гревот свој блуден над и природен под ко пифтија за Божик, ко пудинг за празник, стерна е на страсти ламтежни, земјотрес што Рихтер и Меркали го мерат, а можат ли да го измерат тој грч, таа похота силна? Па расте, се дуе ко квасец, за организам, човек да роди и мајтап со него да си игра. Не за створови живи, ами за оргазми овој свет е скроен, по вертикала и хоризонтала, од пол до пол, во пресек и глобала, вулкан е што фрла лава, долина што на две се цепи и кога конечно мислиш се смирил и втонал во ноќна мора, тој на Месијата што пак треба да стаса и од Гревот да нè спаси, пред нос, без такт и милост, (Ах, Мар£, Мар£, Јосифе, Јосифеее!) вагината intacta му ја затвора. ПОЛУСТИШИЕ Гледам некои полуБожества полуКружат низ полуЕвропа и полуДневно полуЧасовно престојуваат во полуМрак полуСон полуМир растргани меѓу полуОстрови полуМесечини полуСонца полуПразни полуЛегални полуДржави та полуМртви полудени со полуГлас нудат полуРешенија на полуПијани полуПисмени полуСвесни а полути од кога и да е полуСелани полуГраѓани Ааах, полу – полу – сè наполу ни оди – полуција чиста МУЛТИСТИШИЕ Слушам се говори со жестина и страст за мултинационалност мултикултурност мултијазичност мултивокалност мултимедијалност мултиперсоналност мултиморалност мултиоргазмичност мултивитаминозност мултиволуминозност мултипрогресивност мултирегресивност . . . мултипликација медиумска дифузија хаос и конфузија до мултиглавоболка мултиплекс склероза и единствена желба со ова нулто писмо да се остане на нулта точка на нулти степен во нулто време Само совеста да ми е чиста и храброста со желбите – иста ЗАНАЕТ Што занает ова ќе беше да орам оро сред ова стрниште спалено галено сал од сол- зи палено – гасено газено сал од скорни послано со могили та од черупка до черупка од стрнка до стрнка од знак до знак да акам и пекам: Што занает ова ќе беше да делкам бук(в)и сред оваа изгорена шума од уки (бруки!) од аз- буки в јади Вади и веди бол- скотат се котат и костат громој ОМ ооој! А јас орам и горам делкам и пекам: Што занает ова ќе беше... ДИЈАЛОЗИ 1.Самоконтрола „Самоконтрола“, ми велиш, „Само контрола“, ти велам. Дали самото овде е само „само“ или „само“ само? Дали е тоа јас само јас само = јас или само + јас или само – јас што треба да СЕ контролира (но од кого?) или „само“ јас што треба да контролира (но кого?) И ако самото не е „само“, туку е само и ако јас не е јас туку е „јас“ или некој / нешто друго и ништо друго тогаш кој сум Јас и кој сум „јас“? А кој/а си, пак, ти? што си? Се разбрав- ме. Мене ме. Тебе те. Разбра(в). 2.Театар Ми велиш, „Ох, колку театарот го мразам, во животот ништо не треба да се игра“. Ти велам, „И за животот публика е требна, намами ја, речи: ‘Овде животот се игра’, та седни си и само во неа гледај“. 3.Мислења Јас: „мислам (на)празно“ Ти: „мислиш (на) полно“ за да се ста(в)и глаголот за да за(р)оди именката Не- (воз)можна задача да се (и)менува празното до дното во празно азно во полно болно разнообразно безобразно прекрасно 4.Запомни го зборот „Помни ми го зборот“, ми велиш. Но можам ли во дланка да задржам капка што низ прстиве постојано миголка и капе? Кап-кап минува и овој ден година, век, ера (заминуваш и ти! – како сè да било вчера, ми вели. „Помни ми го зборот“, ми велиш. Но јас сум пре- и про- менет, пре- и пра- стар. „Ги суредив горгоните, хидрите и киклопите“, ти велам. Кип-кап „збо-рот“ него НЕ пре-про-пра тарá- тарá- тарá бла-бла бла кап . КРАЈ Секоја минутка е придавка на друга. Затоа: Крај? Сè уште не. Ковааај. Копааај: Ај, да ми е да зграбам уште малку сила од мигов сегашен уште малку смисла оти смислата е сила а силата спила, Скила е што нè шмука и Харибда што нè плука во некој нов миг нов крик што иднина го нарекуваат. Секоја минутка е придавка на друга, а мигов сегашен, крај? Кома... ј – Крај КАЛЕМ Јас сум калем ем кал ем лем ка-лем мелем за раната калем – скротител на дивината HOMO ERECTICUS Должен никому – вратка за сè и секого сум нашол, само себеси (к)рајот си го должам: Јас сум јас – homo erectus / ereticus политички (им)потентен правен семеен одговорен субјект, но никогаш субјективен... Сум интерсубјективен хетеросубјективен (илјада гласови во кортексов ми пиштат) живеам комплексно, размислувам контекстно говорам цитати коментирам светски ветришта и магли одам по линија на поголем отпор од тешкото се воодушевувам оти да одбиеш е лесно да прифатиш е тешко Јас сум јас – homo erectus / ereticus поетички пре- (потентен) - емотивен - мотивиран - моторизиран субјект, но никогаш објект... ...и не ми треба да мислам ни за сакраментот ни за екскрементот (за тоа си постојат црковни и световни власти) туку само за мигот за двигот што ме двои од она што сум, а сè уште не сум. СКРШЕНИТЕ СЛИКИ НА МЛАДИОТ П. Ах, тажна е приказната за Весна... Без траги на алкохол во крвта упатен кон библиотеката на времето збунет од сите преселби на народите тој заклучува: Ах, тажна, тажна е приказната за Весна... . . . . . . . . . Веќе не спијам во истата соба зашто твојата ненадејност ги исполнува сите соништа на мојот крилест кревет – стар семеен блудник од кого и самиот потекнувам (Ах, силувана, силувана и оставена, тажна е приказната за Весна...) Заклучувам: Без бес – прекорност нема будилници во крвта. (прекрасен редослед на утрата во неделата но сонцето – како и секогаш – доцни... Без бес нема лудило во крвта. Јавните куќи се затрупани со антички херои и мртви ноќни пеперуги а реката продолжува со своето колебливо течење кон Адот. (За Тиресија Крвопиецот жртвата е спремна... . . . . . . . . . Вештачки светулки со влажни усни ја нагризуваат ноќта и навлегуваат во сонот Тогаш јас сум зора инфицирана со смрт чија роса ги напојува корењата на секој камен јас сум уморен од пеењето во хорот на ангелите јас сум бродоломник во морето од соништа крт во приградските ѓубришта петел што не ја знае својата песна наизуст остарен солист мртов коњ и црв пресечен напола јас сум залез во срцето на мечот со атомска глава непроветрена соба полна со пајаци што не знаат да плетат мрежи од зборови јас сум убав со едно разнобојно око момина солзичка и мајчина душичка јас сум птичји Штраус што ги убива сите штурци за да им ја испие нивната песна и птичји Бетовен со волчји уши и со безброј расипани заби јас сум историја на општочовечката болест тифус од пепелта што се раѓа Безболен Нешкодлив Витамин Ц јас сум доктор за настинки и кокошкини слепила и алхемичар кој клучот на историјата го открил Р.Ѕ. јас би бил грд со две разнобојни очи . . . . . . . . . „Ти! Hypocrite lecteur! Mon semblable – mon frére.“ НЕ ИЗЛЕГУВАЈТЕ ПОВЕЌЕ ОД ВАШИТЕ ЗАСОЛНИШТА СО СКИНАТИ ЏЕБОВИ! Слушајте, јас се извинувам, но Вие сте лоши, Вие сте ѕверови, влечуги, папагали, бели црви... Не, не, навистина, шегите настрана НЕ ИЗЛЕГУВАЈТЕ ПОВЕЌЕ ОД ВАШИТЕ ЗАСОЛНИШТА СО СКИНАТИ ЏЕБОВИ! Јас се извинувам... Се извинувам... Ако Ви пречам јас можам и да си одам соѕвездијата ме очекуваат. Се извинувам... Пријатно... Платените убијци на ноќта се занавек убиени, а пајаците сè уште се хранат со збунети срца во тишината. . . . . . . . . . „Вечерва уште еднаш молитва наоѓам што за луѓе не е.“ Кога во цветовите се зародува ноќта секој сон е како срце. Вечерта се скрила во мојот крилест кревет далеку од погледите на сите риби. Под него се насобрал куп неупотребени парчиња раце. Јас будно го чувам со многу внимателно задоволство бидејќи за да се живее милиони години треба секогаш да се биде нов. Телото лази надвор од пијаната кожа за да ги изблуе сеќавањата и така пречистено да ја загризе земјата. Корењата што цветаат ловат месечини. Петлите умираат од смеење и забораваат на изгрејсонцето. Во големиот мев на месечината хор од будилници се слуша. . . . . . . Секоја загубена ноќ се претвора во скршена слика. Срцето заскитало во ходниците на сонот и затоа никогаш не влегувајте во него без лице. Маските долу. Само така сите заедно ќе станеме позајмувачи на ѕвезди. ПЕСНА DE MORTE ВО ТРИ ИЗМЕШАНИ ДЕЛОВИ 2.Грев (со функција на рефрен) Да се убиеш себеси може да значи да си отсвириш еден посебен звучен ефект низ главата. (затворете ја портата од рајот до крај и цврсто... 3.Соништа (лирско интермецо) Соништата безглаво бегаат од мојот кревет старо-семе(ен) блудник и пренесувач на наследни слабости па затоа тие што преостануваат треба корисно да се употребат: - да се облечат во бело а потоа да се силуваат - да се претворат во зборови еднаш те / сакам двапати - да се претворат во песни трипати Ох, колку те сакам! ... - да се осудат на вечност - да се затворат во кафез - да се обесат - да се сецираат - да се анализираат - да се канализираат - да се облечат повторно во бело и повторно да се силуваат - да се закопаат длабоко подлабоко најдлабоко... Не знам зошто но соништата избезумено бегаат од мене. 2а. Генеза на гревот (приложени факти кон тврдењето 2.) 1. Човекот се самоубива откако постои 2. Човекот се самоубива откако се спознава себеси „Спознај се самиот себеси!“ 3. Човекот се самоубива бидејќи премногу сака 4. а малку постигнува (клучот на прогресот е тука!?) 5. Човекот се самоубива бидејќи се разочарува - од себеси - од другите - од животот - од ЈСП - од автомобилот - од домашната атмосфера (предлог по фактот: бидејќи домашната атмосфера е ужасна децата треба да бидат ослободени од домашни работи и да се занимаваат со нешто надворешно што треба да се измисли) 6. Човекот се самоубива бидејќи живее - еднолично - в град - на село 7. Човекот се самоубива бидејќи некогаш посакува да умре 8. но и од страв да не го убијат „Да се надвјаса непријателот!“ 9. Човекот се самоубива заради машините (каде е прогресот тука?!) „Добредојде сине, добредојде во машината“ 10. Човекот се самоубива од љубов и од не-знам-што-друго Мртвите пеат: Човекот е мртов да живее човекот! 1.Зборови (што останува како такво) Зборовите почнуваат да се размножуваат наутро во неопределено време и број или кога ќе заѕвони будилникот Зборовите и лицето се тие што оставаат впечаток кај другите. Затоа треба не само лице туку и збор „да спремиш за сите што ги среќаваш лица“ Наталитетот кај зборовите се зголемува околу пладне во неопределено време и број и тоа пред поширок аудиториум во сообраќајната гужва Морталитетот кај зборовите се зголемува околу полноќ во неопределено време и број и тоа пред поголемо непознато како што е сонот 1а. Какофонија (девијација на дел 1.) Понекогаш зборовите стануваат вечни, се снимаат на плочи, преживуваат музичка тортура (зборовите ги напишал Д. М. – на пример), на магнетофонски четириканални ленти, хром-диоксидни касети и компакт дискови кои по неколкугодишна употреба се фрлаат на најблиските ѓубришта. Ах, колку тешко се сонува кога од некое градско или приградско ѓубриште ќе чуеш рикање на некоја поп или рок ѕвезда (од што дури и твојата затреперува) или кога мора да го слушаш Ј. С. Бах во патетична или депресивна состојба, па на крајните акорди од „Токатата и фугата во Д-мол“ веќе си мртов, убиен од сопствена рака, застрелан, задавен, заклан, обесен, отруен, харикиран... Понекогаш зборовите се закон и заедно со лицата се први што ќе те обвинат: „Го знам јас него, тој уште од мал си беше суициден тип, па камоли сега!“ Но не мора да си законодавец (како цар Соломон или Парламент, да речеме) за да изречуваш закони. Може да си: крадец Дон Жуан висок коцкар Дон Корлеоне среден или професор нежен или низок („ниските луѓе доктор груб немаат причина за живот“) Не мора да си ни сето тоа но важно е да си свој човек да припаѓаш некому да го сакаш „Сакај го блискиот свој!“ да те сакаат да имаш домашна атмосфера да имаш револвер или друго оружје (може и студено) за секој случај зашто повеќе не можеш и не смееш ни себеси да си веруваш 2.Грев (со функција на рефрен) Да се убиеш себеси може да значи да си отсвириш еден посебен звучен ефект низ главата. (затворете ја портата од рајот до крај и цврсто... (еден глупав август, 1977 / 1993) 2. Песни и песнарии КНИГА Книгата е велеград со многу предградија и периферии, населби и фавели, со сообраќаен проблем и тревожни звуци, со безброј подвозници, клучки и надвозници, со стари и нови маала, со староседелци и новоседелци, бизнисмени и бездомници, убијци и жртви, љубовници... Кога ја посетувам не сакам карта со исцртани правци на движење, сакам да акам и талкам, да вртам ко мушичка во сенката на облакодерите, да ријам ко крт низ подземните премини и метроа со чудни, нечитливи имиња на станици, да седам во бистроа со шолја кафе и да размислувам како понатаму до центарот, до суштината што ми миголка низ прстите, итро ми бега пред клучките, во подвозниците се крие или сетики бесцелно, како пеперуга си врти и танцува со пируети по кружните плоштади ПРЕД/ГОВОР Збор пред говорот, говор пред зборот, раз-говор све(с)т пред неизбежното читање заради тоа што сме прочитале, тоа што сме го прочитале – да го заборавиме. Збор пред говорот, до-говор што го отпретува значењето на белото стегнато под црното од буквите што друг некој пред нас ги оставил за трошичка бар говорот што во бесмисла ни се троши – да ни има смисла. ГОВОР Пелтечам п-п-пред п-п-п- портите на Вавилон сакам кажам – не знам речам Гласот се двои се множи под јазик се мрести зборот Па се прашам: го кажав ли јас тој збор или тој мене или се лажеме – ќе се лажеме до бескрај како што сме се лажеле уште од памтивек од првичниот ни џагор-говор – напор да се препознаеме во оваа дивина од огледала во утробата на овој пра- Зен свет – школка пра-пра-пра-пра- постојбина на ехото. ЈАЗИК Јазикот е чудна творба: ја збрал сета молчаливост на согласките му мрски и дрско чекори по жицата на гласот, над смислата што ждрело е жедно, над амбис што се мрачи, та секој мрмор што зрачи над спила е помор страшен, секој збор потамина исчекорен е светла сказна за неговиот пад. Чекор по чекор, збор по збор – стапалата му се абат, забите му се дробат во фин прашец што во инката на Универзумот очајот го мери (а може ли да го измери?) и на крајот ни одлучен чекор ни збор за апеж: сал бесмисла и тишина подлабока од претходната. ЗБОРОТ Зборот ни е нечитлив хиероглиф разјаден од древни искушенија, од Рајот протеран ни должен ни крив, набркан во свет на јад и мизерија. Зборот ни е стиснат меѓу мувлосани корици од штури речници што на смислата се ковчези, погребан е во бројни преданија, развеан од подземни ветришта и завеан во мртвици и суви лаки разлокани во иронична насмевка. Затоа треба да го оснажиме, да го наостриме ко трнорез што меѓите од забуни ги стриже, да го наточиме ко лизгалка од прекален челик што врз леденото огледало на бесмислата реже значења со беспрекорни пируети, за со него потем светот да го промениме, сè дури светот не стане збор, а зборот – свет. ПРЕВОД На Драги Михајловски Збор по збор ги преведов мртвите во живи, коските во месо, зимите во лета ги преведов, летата во зими, накалемив диво на питомо, на змиите кошулки им скроив, на ангелите крилја, на зборот станав судија кој во тек(ст)от не смее да се види, заспивав врз зглавје од туѓи соништа, се будев во доброутро од мртви јазици. Го преведов минатото во сега, денот во ноќ, сегашноста во утре ја преведов, но превидов еден груб, непредвидлив факт што при секој и сечиј преведен здив сум губел еден од моите, штедро сум се трошел и арчел, сум се дробел без да сетам збор по збор сум истекувал во туѓо писмо… …и сега од мене алчно се чека и жеден преку вода да преведам, но јас веќе ниту здив имам, ниту збор, ниту рака, мојава сопствена мака да ја преведам во благост, мојава тага да ја преведам во радост и да речам – доста. АНГАЖИРАНА ПЕСНА Оваа песна е сериозна песна оти сака да се ожени со првиот бунтовник што ќе го сретне и со него да изроди безброј деца што ќе го сменат светот Оваа песна ја следи тајна полиција од неколку земји оти сака да ги збере сите досиеја на пеперугите и да ги отвори границите за нивниот љубовен танц Оваа песна сака да го просее плачот на гладните во една празна вреќа за брашно и да го принесе на трпезата од Генералното собрание на ООН Оваа песна сака да го пресече каналот за шверц на љубов и да го врати во земјата на вчерашниот ветер кој во длабока илегала го оплакува остатокот од мојот живот О ситни понади помогнете ѝ на оваа песна да го направи вистинскиот избор и запалете ги соништата како свеќи на патот до нејзиниот успех ДЕГАЖИРАНА ПЕСНА Оваа песна не е ангажирана. Оваа песна е дегажирана и од сите отфрлена (ја најдов како плаче на градската депонија). Оваа песна е социјален случај. Оваа песна нема ни татко ни мајка ни очув ни маќеа (и да ги има сигурно ги заборавила и да ги има сигурно ја заборавиле). Оваа песна е питач пред семафорите. Оваа песна сонува да избега од тиранијата на метафорите (бара само малку секојдневно значење добар збор и трошка разбирање). НЕПИСМЕНА ПЕСНА Оваа песна сака во детаљ да го опише смрдливото лето и небото распарчено на електрични огради од букви и опасни азбучни зони. Оваа песна сака да биде странец кој никогаш не тргнал на пат но ноќта ѝ ја наврела капата на шутот со ѕвончиња и крстопати. Оваа песна е формулар за прием во светот но раката што ја пополнува се тресе како мандолинска жица и измислува ново клинесто петолиние Оваа песна е неписмена песна. Не умее ни стих да си прочита. Не знае ни наслов да си напише. Немоќна е автор да си најде. Пелтечи гурабии. Квачи муќуци. Се потпишува со палец. Добива награди. НОВА ПЕСНА Брзам по патот кон новата песна и доаѓам во мојата непозната родна земја во која звуците растат на дрвја и служат како зачин во казанот на значењето. Отседнувам во хотел со картонски ѕидови во кои зборовите идат и одат и со ароганција за својата моќ над сонот (а можеби и за Микеланѓело или Леонардо) разговор водат. Ковачите тука потковуваат коњи со печатни букви. Трагачите ги следат нивните отисоци ги собираат во речници и потоа ги толкуваат како херојски епови и оди. АДОЛЕСЦЕНТНА ПЕСНА Оваа песна повеќе сака да јаде слатко од смокви отколку да збори. Станува ноќе кога гори од необјасниви телесни потреби и грицка нервозно семки, скришум, под јорган, без да ги треби. Оваа песна прави неморални нешта. Оваа песна онанира на јавни и скришни места. Им плази јазик на: минувачи читатели критичари професори и студенти по литература, а сè уште од родителите бара синекура. Оваа песна има акни, постојано менува чорапи, патики и јакни. Оваа песна пишува графити има суицидни налети, се качува на врвот од солитерот и прави неколку залети. Иако е сега на секого бесна ќе порасне и оваа песна но треба барем едно да признаеме: маката во ова доба не £ е лесна. ХЕНДИКЕПИРАНА ПЕСНА Оваа песна е хендикепирана песна. Оваа песна доживеала нешто страшно: насилство во семејството развод убиство од љубомора племенска војна граѓанска војна светска војна геноцид Оваа песна има раштиман генетски код. Оваа песна има трауми од раното детство: пелтечи има тик (нема такт) мочка во гаќи гледа под око, мрачи Оваа песна е аутист и затоа е аутсајдер, а не фаворит. Но оваа песна, простете, е моја и затоа: треба да се грижам за неа, да внимавам на неа, да ја учам да оди да зборува вистини да чита други песни да пее и игра а не да навредува и плука да ѝ подарам искрена љубов оти мое е чедо што треба да го надживее овој суров софокловски свет, (оти мое е...) што треба да преживее оти чедо ми е мое е чедо е... НЕПОСТОЈАНА ПЕСНА Тоа што непостојано е постојано го има(м): лисјето, луѓето, зборовите... Никогаш нема(м) време... оваа песна... сенка на ѕидот... ...првка... пеперуги... луѓе... ...во беспрекорен лет... сенка... песна... ѕид... жетва... жртва... ТРОДЕЛНА ПАРТИТУРА 1. ПЕСНА ШТО ЈА ПРИЗНАВАМ ЗА СВОЈА: MONUMENTUAM AERE, ETC. ОД ЕЗРА ПАУНД Ми велите дека сум премногу самосвесен, дека во одежда на гордоста се перчам. По некое време на овој buffo ќе нема кој да се сети, безначајното што го носи ќе нема кој да го спомне ќе исчезнат смешните дребулии. А што се однесува до Вас, в земја ќе гниете, но прашање е дали гнилежот Ваш ќе е доволно богат тревата на гробот да Ви ја потхранува. 2. ПЕСНА ШТО МЕ ПРИЗНАВА ЗА СВОЈ, А НЕ ЗНАМ ЧИЈА Е: ДЕНОНОЌИЕ (Rock around the Clock) Пред легнување прогласувам општа амнезија за секој верба(н)ален деликт и ко особен реликт го прифаќам сонот. Се будам рано. Потоа патам од / до катаболизам и катахреза. (Катаден така.) Попладне се дрогирам. Со медиуми. Електронски средства. Интер – нет – жетва жртва на бруто информации поетски оркестрации и инсинуации радио(активни и живо-контактни ТВ емисии брутални филмови... Гледам и вести читам ЛИК-ови пробивам кодови со политички калаузи и клучеви. Се грозам од овој суров софокловски и хипокритски свет кловновски се шегачам правам алузии... илузии... и потоа седнувам: дробам и сркам пишувам супер – и – орно од арно поарно по(п)ар(т)но 3. ПЕСНА ШТО НЕ ЈА ПРИЗНАВАМ ЗА СВОЈА, А МУ ЈА ПРИПИШУВАМ НА ЕЗРА ПАУНД: Г(Л)АС МАСКА (исказ на драмска персона нон грата) „Што имам јас со оваа поетска братија и бирократија нит јал ни пил ни овци пасел Затоа пред да п(л)атам ми иде да млатам да млатам...“ – Ама чекај, како? Па тоа е свјатија? – „Море м(л)атија, млатија!“ ПОПЛАКА НА КРИТИЧАРОТ „Ах, да ми е да најдам една точка, фокална, фекална, фолклорна, орална, анална, вагинална, телос, мелос – каква и да е, само да служи, да не бега, да не кружи, да не се множи, па да му седнам и танцот на ѕвездите да го опишам, да ја чујам музиката на сферите и Мапата на универзумот да ја нацртам!“ ПОПЛАКА НА ПОЕТОТ „Голтам парчиња молк – волк ми е ноќта... (ох, натемате зборче слатко) Дојди преспиј во мене врати ми ја заборавената моќ, удри по мојот наук, сотри ме мене неук и научи ме пак да го сетам вкусот на сировото месо, крвца густа да локнам и да забаоравам што раѓање е и што била смртта!“ Од премногу вдахновеност ни видело, ни слух му остана. ПОЕТОТ Поетот милост треба да има на ајкула дрчна, вид остар и три реда заби, да лапа, гнете и брсти жртвите да не ги брои на прсти. Треба апетитот свој да си го гледа, мешето да му е императив: јамбот ко аперитив да му служи, трохејот ко салата сочна, анапестот – залак дрочен, дактилот – возбуда на непцето слатка, спондејот – забочепкалака остра епот – винска карта да му биде, а сонетот – голтка лесна. И по една таква фиеста, пирихот – попладневна сиеста. ИСТОРИСКА ГРЕШКА O tempora o mores мои fratres minores Опкружен сум со пијавици што за живот цицаат живот, со габи што растат врз јазици изгниени од празен говор, со мекотели што не можат да еволуираат ’рбети и да застанат стамено, па затоа: О мои fratres minores, мислам дека има некоја историска грешка во вашиот rendez-vous со светот. Рапсодите меѓу вас се лити Керуаци, накалемени банани врз диви оскоруши, Гинзберзи, Шнајдери и разни праматари што дуваат, шмркаат и чадат ко мевтери, цицаат стари маслосани ауспуси, а блуваат шарени еколошки хербариуми, сонуваат царски пеперуги, а бладаат молци и лебарки, поснопица на јазикот му прават, па го фрлаат на гумно (оти тоа е учено, умно) езотерици се мислат и мистици, хипостазирани хипици, новокомпонирани боеми, вуду чајлдови и будистички бахти(ни)... Се замислуваат родени бардови, а дулиња се само и бардаци, за себе проектираат високи чардаци, а по првиот личен слом мавтаат со бели барјаци, кри(ти)зираат во хипокризии, (меурчиња од сапуница им се визии) и не му се предаваат на зборот туку се предаваат без збор. ПОЕТИ, ГО ЗНАЕТЕ ЛИ ВАШИОТ ДОЛГ? (mock-heroic) Има некои поети кај нас и во светот што од девствени височини слегоа и се населија во мемливи градски подруми и мансарди. За страдањето и метафората како за слепечки стап се фатија и небаре гаќурести петли на буниште со боемски ореол и авангардистички занес шетаа низ привиден раскош од дефлорирана лексичка флора. Навечер плачеа носталгично и во алваџиски дефтери грижливо си (за)пишуваа фрагменти за песни и песни за фрагменти (дребулии важни за Фројд и Јунг) и штом го опишаа својот Weltanschauung со сите награди и ордени се закитија и сериозно изјавија дека ја извршиле својата мисија, дека со лектирни изданија им го исплатиле својот поетски долг на поколенијата што треба да дојдат. Потоа се редеа во државната чекална и коси си кубеа, очи си вадеа, со план за некоја пасивна амбасадорска спална, за некој петособен општествен стан или тешка државна синекура (бар да ги биваше да платат тура)... ...и гајле сега ги боли за генерациите што долговите им ги отплаќаат во девизни рати со огромни камати. За нив сè е под ниво: живеат, демек, во свет на бездарници, ретарди и бастарди (Бог да чува и да варди!); во свет на бездомни интелектуалци што страдаат од полиглосија и се хранат со бистри вегетаријански супи на дрогашки микро- и макро-биотичари кои не им ја сакаат стварноста и бегаат во нови неоткриени летаргии; во свет на чесни, преубави педери лезбејки и трансвестити кои шетаат целосно дезодорирани и јавно барем си ги откриваат своите доблести и мани; во свет на сајбер-панкови и интернет серфери на хакери и берзантски махери e-mail @ кодови и web-страници Збунети се тие големи поети им се нишаат мраморните пиедестали кревките теми и досетки, удобноста им се троши (но не и банкарските сметки). Почна по малку да им се лоши јазикот го подзаборавија (а newspeak-от не го научија) песната им сврши и сега пелтечат, јачат и бладаат, ѕидаат нови палати и масонски ложи од молк за својот огромен, огромен, ОГРОМЕН поетски долг. ПОЕТСКА СУЕТА – Огледалце, огледалце, кој е најмудриот поет на светот? го праша младиот суетен поет сопствениот одраз во огледалото. А зад него критичар стрвен, небаре огледалото – проговара: – О Принцу мој на метафората, има на светот поети мудри, но најмудар од сите – си ти. Огледалото со време пуздер се стори, критичарот одамна црвите ги гости, а од Принцот – ни Крал стана, ниту пак требало да стане, туку Питач што по зборовите се влече и со дланката подадена сал трошка значење од нив бара. 3. Тие и јас УТРО 1 како ли да ве убедам дека Време е да се погледнеме однатре да ги именуваме сите празни вени и пукнатинки да речеме Време е на патиштата старите вистини да им ги вратиме за пак низ време да патуваме да викнеме Доста е птиците празниот клун нека го фрлат Време е од крајот молчеливо да се почне и рацете сета тежина на утрото да ја издржат УТРО 2 Сив дожд и ти што талкаш низ студени одаи како во прогонство. Утрото е немир во крвта, несигурен потег врз платното од прозорецот: Разбуди се како и порано во пердувест сон што се мрешка и почни со своето бдеење. Разбуди се и чекај ги нејасните ѕвезди пак да ти се јават збрани под крилјата од бавни јата да проросат од небото распарчено Разбуди се... Спиј... МОЛК Кога денот во забите го носиш (за гладен утре да не си) зборовите – ко риби под јазикот ти спијат во очите солза се таложи од север Кога птиците наесен си одат од крилата созреана тага им капе во клунот градините ги носат и затоа кога ноќум месечини од реките крадеш во градите завиткај ги скришно зборовите (ко риби) во устата се мрестат Молк вечен во ушите ти татни КАКО ШИШЕ Како шише потонато две третини в море не содржам никаква порака за светот – само бројки за моето потекло втиснати на дното. Не ги чувствувам веќе жешките усни што од мене отпивале жедно, ни рацете што за мене се грабале, не ги слушам веќе пофалните зборој за она што долго во себе сум го зреел. Се лулам сосема испразнет од себе, од мекиот подрумски мрак што трпеливо, со години сум го впивал. Приливот и одливот на животот ме носат де поблизу, де подалеку од брегот, ме заморуваат до заборав. Сега сè пожелно го чекам оној бран што во морската мешина се збира, да ме зграби за врат, да ме поклопи и конечно да се смирам. НА ТЕТКА А. К. Крајоликот со старост очите ти ги полни. Затоа, потребно е да плачеш, препорачливо е. ’Ртењето и вкоренувањето во тебе го носи дождот (потребно е да плачеш). Нема веќе вино во крвта ни голуждрави птици што низ срцето треба да минат. Во залезот недостижни изгледаат планините и семоќни. Затоа, потребно е да плачеш, како напролет искроено лозје, потребно е да плачеш, (препорачливо е) зашто плачењето со детство очите ти ги полни. КРАЛОТ НА МАЧКИТЕ За В. Б. Јејтс Во шуплива коска ѕвездите ги собрал нанижал птици на пајажинка-мисла, во грлото изгорено и каменот во песна му се троши Ноќен скитник го пуштил зборот по покривот на светот со замрзната песна поколенија нови храни а тој во сенката на својата Планина си легнал и молчи – чекајќи ветрот безвремен за него да збори ...АНТЕ ПОРТАС Од лудило на војна замаени фатени во налуничава шема на Смртта по сури планини преслапи и замрзнати крвотоци справите бојни ги тегнат По амбиси в небо на аџилак тргнале в поход кон Најмоќниот кој во разврат во инцест пливнал а цврст е ко биста од мрамор Така и ние тргнуваме во опсада на Зборот и кога сме сигурни дека е наш – ко Рим од рацете ни првнува... Колку ли тогаш враќањето може да боли: мали жртви на обидот а не на триумфот! ЦАРОТ Ветер од Планината ко гласник околу него се свива му глаголи му шепти во коските му рие и в срце му носи неол воздух стежнат од крици и реа на крв Лош знак над Езерото се риса Залудна му е молитвата за сенките барем да им се вратат и долга ноќ во Калето се гнезди – потоа ден по кој друг ден нема Лош знак Езерото си вие ВОЈНИЦИТЕ Се враќаме. Во очите крвави месечини траг од свита кама оставиле и голтаме темнина како ноќ како нож со две острици Се враќаме. Горки трпки во грлото: Царството го загубивме – ни паричка надомест за алчниот Херон немаме Ни на небо ни на земја си помагаме слепечки по кривулести изненади спили долишта и лаки по молк што лебди над лелекот Притаено го впиваме стравот и се враќаме Во слепилото под челото го носиме огромниот гроб на сите сонца и тежината на времето идно што во болка – како во примка – самото се фатило Празната книга на ноќта е отворена ШУТОТ Овде е ноќ што не знае за милост ни за мудреци ни за будали Телото му го вградија во Тркалото и поколенијата сè уште шепотат за огромната солза – ѕвездена боска од која животот го цицал и тагата ко гнев смеата ко тага обесена на усните – сè до срцето Но само тој вистината отсекогаш ја знаел па не е ни чудно што кралствата сè уште паѓаат ЗАГОВОР По долгата и тешка војна секогаш се наоѓа некоја божица што ќе ти понуди добар ветер за да запловиш кон познати брегови и да се вратиш дома (без да знаеш дека за доаѓањето ги предупредиле) да клекнеш на брегот со спремен целув како што од памтивек си било па со триумф и замор да тргнеш кон дворовите и чардаците свои. Крај старите глетки да минеш непроменети (зошто ти си тој што ги менува) во бестежинска состојба да го минеш прагот и спремно да влезеш во бањата полна со миризливи балзами и билки за потоа (и покрај заморот) да легнеш со жената што сега ти е туѓа без да знаеш за неверството за интригата заговорот и никогаш повеќе да не се разбудиш наутро да те најдат со скастрена глава отворена уста и вкочанет поглед испразнет од сите пожари на војната од сите слики што знаење ти биле и живот. Каков крај за уморните херои но нека се знае и ова: во осветата што доаѓа од крвта нивна тие се бескрајно решителни. ПАК(С...О ЕДИП Еве ме како некој Едип што гледа сè а не гледа ништо во пејзаж што завршува под земја Мирно ги сменив страните на светот сè подалеку од судбината и сè поуспешно сè посигурно тргнав кон Теба/е Но кај ли е тој пророк да го сретнам сега крвца што локнал од црна овца во (С)мислата што ми се меша да му ја покажам мојата страна крај Ѕверот збунет назад кон Адот? Ах, кај ли е тој пророк што мајките ми ги смеша небото ми го скрши и ме пушти надвор – во овој простор што го нарекуваат – Кожа. ПАК(С...О СЕБЕ На Стивен Симски-Дедалус (драмска персона нон грата) Јас сум јас култивиран варварин цивилизиран декадент дисидент без егзил соц-конформист по сила а не по вокација сиот за резил Сум по сеќавање не по факт по фат потфат Не По сеќавање од сеќавање (не по факт) тргнувам низ Лавиринтот срушениот мравјалник ерозивниот тек ослепен засекогаш Талкам низ белите коридори озрачени од неон... ...провев бие од овие празни пергаменти кртичници на минатоти од папасаниот поглед на Великиот фактограф – структуралист збунет пред можноста за комбинација апорија Не по факт Не Јас сум јас ентелехија облик од облици зачнат по сеќавање од Адам и Ева по фрагментарен код генетски амалгам збирштина од клетки што си длабат свои крвотоци ГЛЕЧЕР На Богомил Ѓузел (од втора перспектива) Ќе беше поарно да брцневме само прст во окото на Киклопот па да го запретаме во сеќавањето и со потсмев да му се навраќаме Но ете неуки и слепи – стратези на поразот ја повторивме античката грешка го потценивме и тргнавме пругоре четириношки И сега тоа не е лузнава што како жива рана ме мачи ами што сиот во коскиве го носам а студот ме глочка ме пие рие низ крвта до секоја жилка што ноќе тргнува да ми ја заледи свеста да ме начека во стапица и да ме лизне да ме потсети на поразот и пак како Титаник да ме преполови (Брезовица, 1985) ВЉУБЕНИ МРШОЈАДИ - метафизичко кончето - Според А. Марвел(1621-1678) Ќе дојде денот како крадец во ноќно време кога коските во гнилежнава кожа мувла ќе ги фати и кога плотта пепел ќе се стори што ветерот во вител ќе ја крене и низ густо сито ќе ја просее во сините небесни поли. Ајде збори, што и можеме ние на таквата судба, освен, како вљубени мршојади алчно да го проголтаме животот во миг, да се љубиме страсно, а не со занес да мислиме на бескрајните еони и зори и на вечност да сметаме во безводната пустина на сините небесни двори. ТРИПТИХ ЗА ГАВРАНОТ На Тед Хјуз (1930-1999) 1.„Следи го гавранот и ќе најдеш мрша“ Тежок е патот низ големото стадо планини. Небаре друмски разбојници, глетките ме чекаат на пусија зад секој свиок и чинам безмилосен поглед ме следи од секоја спила. Нема птичји џагор во бигорниот воздух. Билките исплашено чемреат. Корењата кришум се повлекуваат. Црно нешто наперчено на патот. . Клунот – крвава кама што блеска на утринскиот зрак. Под канџите парталава мрша од зајак. Мевот распорен. Цревата испаруваат на остриот воздух. Црн бисер вгнезден над клунот подмолно ме гледа и вели: „Мини патнику ранобуден. Ти немаш ништо со ова царство на смртта“. 2.„Стариот волк гаврани го јаваат“ Го гледам дедо ми во долот на крајот од лозјата наспроти брегот обраснат со црно мимолетно дабје: мавта со сорот и вика колку што глас го држи. На метар од него лежи сива бовча од лито крзно. Стар волк. Одвај жив. Крвав кладенец наместо око. Два метри над него три гаврана грачат со раскрилени крилја, кљакаат и грачат: „Што бараш ти во нашево царство, Сè што е наше самото кај нас си иде“. Сорот се крева во одбрана на староста, но запира на полпат од стариот барјак развеан на остриот птовев во долот. „Пу, натемаве, рожби на темниот!“ Стариот со пцости ја качува угорнината. Зад него болен виј ги леди сите подземни мртвици од кои гадливо се цеди пролетта. 3.„Рожбата на гавранот му е убава на гавранот“ Црна е и мајката на сите бои. Црна е и најубавата рожба на школката. Црна е и постелата на океанот. Црн е и чаршафот на ноќта. Црн е и таванот на сите ѕвезди. Црн е и оџакот на сите огништа. Црн е и витезот на смртта. Црна е и предупредата на животот. И чумата е црна, стаена во црниот бунар. Ѕифт-црна е крвта во вените на земјата. Црница е името на оваа планета. Добредојде првородено мое, зачнато во најдалечната црна космичка дупка, испилено во најцрната црна корија. Да ми ти е бистро окото. Да ми ти е остро клунчето. Да ми ти е сор канџата. Да ми ти е сјајно перото. Да ми ти е моќно крилото. Да не ти ми е милоста. Да не ти ми е жалта. Да не ти ми е прошката. Да не ти ми е совеста, оти твој е воздухот и сè што во него лета, оти твоја е земјата и сè што по неа лази, оти твој е животот светот – твој е. Оди. ГРАДБА На Јехуда Амихај (1924-2000) Дури со колци и јазол го околчуваат местото, лебдам над нивата од твоите зборови посеани со голема грижа, со миро навадена и со молитви наѓубрена... Дури копаат темели за мојот нов дом, стенка ѕевгарот на мислата, окото ко рало ми запина, ора по твоите стихови, потскокнува по нивниот див мир. Дури црпат ненадејна вода од темелите, фрлам ноќници во длабокиот вир на твојата песна преполн јадри зборови што небаре левијатани ме гледаат подмолно од мастилава темнина... Дури клаваат курбан крвава глава од брав, со волчја смерност се војвам околу трлото и го демнам твоето намножено стадо зборови чии клопотарци ѕвонат до длабоко во ноќта... Дури пеат весело мистрии и тесли, го дерам руното од твоите зборови, ја чистам острата козина на стихот, се хранам со топлата утроба на строфата. Дури пуштаат висок по ѕидовите, го мерам ритмот на твојата мудрост, тежината на љубовта што истекла од тебе и топлината што навлегла во секој звук... Чатија дури креваат со заумни благослови и песна што допира отаде сферите, се прашувам како да го сместам твојот семир во мојот стих што претесен е да го прими. Градба. Дури тие ја градеа мојата, јас ја разградував твојата. ЦАРОТ И ПОЕТОТ 1.Едип При самоубиствената потрага по вистината, Едипа, пропаднат како понорница во темните пештери на свеста, осуден на бесконечно талкање и толкување на крајпатните знаци и зјапнатите крстопати, исправен пред прашањата на Сфингата што го фрлаа во очај, пред пророштвото што го сметаше за фарса, стори онака како што стори. Него – Едипа, само чудо го спаси од смртта, за потоа само чудо да го осуди на смрт. 2.Вијон Франсоа Вијон, пак, тој прекрасен trouvère, при самоубиствената потрага по песната, прогонет од гневните сопрузи на своите податливи музи, следен од ловци на луѓе, си ја избричи (у)ценетата глава за да личи на кренат фалус, колку со намера самиот да се нагр(а)ди и казни, толку од потреба да си го скрие ликот, но и од желба да си ја одложи смртта. Низ постојано раѓање и умирање, низ катадневна ерекција и кастрација, тој само чудесно ја продолжи својата песна низ времето. ЦВЕТОТ И ГЛАСОТ 1.Нарцис Убав до неподносливост заљубен во себеси до смрт непријател на необичното атентатор на различното за Другото не сака да чуе Себе (за себеси) стапица се поставил ја понудил понадата: издлабил Вир и поставил примка – сопствената (с)лика во него ја чека и кога ќе се јави „Те сакам“, ѝ вели. 2.Ехо Попусто Ехо ечи таа не знае за слика ами само за збор што не е нејзин Не ја држи место на Другото збор му дава и јачи скршена од љубов по Еден неосетлив наркотичен сон Таа зборот негов го прифаќа во неа жар и маја фаќа а до него не стига – сал му се враќа – ѝ се враќа во болка ја гуши „Те сакам, акам, аммм...“ Во камен во сура карпа ја суши – а не ја руши 3.Тој и таа И на крајот тој удавен во сопствената слика а таа во глас што сликата скаменето ја враќа (праќа?) ВТОРО ДОАЃАЊЕ 1 (модерато иронично) Дваесет века во болка и страв постојана параноја и прав предавства, крв и хипокризија која ни е следната визија? (модерато сериозно) Да го поправиме портретот на нашиот отец-Бог да го дотераме и нашминкаме стариот транс-свест-(ид) да го саместиме на Ова буниште за убави уметности и плагијати депонија за скршени слики и да му смислиме нов кон-текст игра – икра – искра – знак – зрак – идеја што никогаш нема да ја извалка и оплоди па тогаш да го видиме: (реторски) Со каква мудрост ќе се пофали над- и каква свест ќе ни подари под- или со нова итроштина ќе нè подмири ќе не расплаче и пак ќе не смири? ВТОРО ДОАЃАЊЕ 2 Io, io!!! Ова е окото Погледнете го ве молам Раѓањето од ферментација на купишта скршени слики што никој не ги сфаќа сериозно Погледнете го раѓањето ве молам Афродита (онака дрочна никогаш несилувана шуплива ко јалова школка а убава но морално подбивна) надоаѓа со градски автобус од периферијата кон центарот на овој неподвижен свет во ова време разјадено од премногу иронија за да ни го расплаче мајчето да ни го згорчи лепчето и да не подои со античка свежест Ова е Окото Io, io!!! ГУБЕЊЕ НА БОЖЕСТВЕНОСТА (Варијација и комбинација според М. Цепенков) Ако тој, дедо Боже, веќе слегол да шета парталав по светот, што му требало да нарами толку тешко бовче во кое ги сместил сите оловни планини, железни реки и мраморни мориња, што му требало сиот свет да го стави во едно торбуле претешко за неговиот стар, ревматичен грб. (Сега изгледа уште постар и загубено стои на крстопатот помеѓу оваа ноќ и следната, помеѓу ова ништо и она никаде.) Ако веќе запрел на сомнителен крстопат каде секој од патиштата си заминал по свој пат, што му требало да го спушти претешкото бовче, да седне и да чека патници до ниедно време: намерници, очајници што в неврат тргнале. (Сега изгледа уште постар и позагубен, седнат на крстопат што го нема, како питач кој упорно пита во напуштен град.) Ако веќе бил престорен во питач, што му требало да пита кога во бовчето си имал сè, што мајка барал како ајдут на пусија јунак да чека со распашан меч и сведнато копје, кој од мегдан се враќал дома и така јавајќи капнат од замор си ја сонувал верната љуба(?). Навистина, зар не му било жал таков јунак да запре и да го моли бовчето на грб да му го крене? (Овој, пак, шутрак, што од почит кон староста, што од потсмев, што од преголема гордост, слегол од Шарецот, та запнал од петни жили, сиот спотнал и така ја загубил неимоверната сила, до коленици потонал в земја, се срушил ко столетен даб и трева почнала низ коските да му никне, змии во неа да се ведат, итн. итн.) Било како било, зошто му била на Бога сета таа фарса – зар само да сруши една своја благородна творба? Зар само да унижи и казни еден доблесен, мамурен јунак кога тој и така бил скршен, оставен од верната љуба што самоволно се придружила на петте синџири робје, без брачната постела во која сега сал гадурии се множат, без свое кралство во кое и ден-денес мршојади се гложат. Мој Боже, зар божественоста Твоја сал на итроштина подмолна се сведува? ФИГУРА Кого ли сега го чекаш низ времето да просвири ко стрела чија ли туѓа тежина поземаш? Ех Кралу Ангелу заспан распнат на крстопат што в неврат праќа -- -- крик растегнат и болен Еј Крале шутраку морен Ангелу папсан коњот Шарен бодина по твоето име 4. Стихуван јазол (Стратегии на поразот) СТРАВ Кога небото под темни завеси се завлекува недостижен е залезот за прстите на тревата Луѓето ги наоѓаат скршените заби на песната и така стежнати од болка почнуваат да сонуваат Тогаш во музиката на окото пештери на плач пронаоѓам и плодови со течно семе од кое птиците се плашат како од задоцнет блесок на новородени ѕвезди Замрзнати сонца наоколу просторот го сечат а стравот колебливо изгрева над стивнатото срце што во туѓи соништа е вкоренето Од него и смртта во зглобовите се крие а очите пукаат ко пупки Бавно и безвремено крвта се претвора во долга линија страв БУНИШТА НА УБАВИТЕ УМЕТНОСТИ Влегуваме во гробот покрај неприродно мртвиот Коњ Се движиме според Тројното правило на десната рака за да ја видиме празнината на времето пустошот од војната на Олимп незадоволни како месечари заграбувајќи само врел воздух испразнет од сиот магнет и кислород А боговите и божиците? Во некои нови се безбожни храмови со скршени пениси измастени тестиси пресушени дојки и клиториси од ламтежни погледи со болна гримаса и премолчен крик – ноќе кога тишината паѓа како гилотина кога сè е испразнето и конечно мртво смртно тажат за своите високи пиедестали за својата дорска величина и бараат крв за жртва пред своите прастари ревматични нозе (Троја, Пергамон, Ефес – 1984) ОПСТАНОК Откако секоја можност за иднина во сегашноста ќе ја исцрпиме и отфрлиме како празна черупка употребена гумичка поаѓаме во потрага по замена на себеси Но минатото е јарем со кој никако да се справиме апсолутна контроверза цивилизациски изум за единство на погледи канализирање мисли и миење мозоци – биолошка потреба на ѕевгарот Минатото е мртов цитат препис стрвина врз која се нафрламе како мршојади тегнејќи секој свое парче уплашени да не се изгубиме себеси да не ни поцрнат белите крвни зрнца виделцето да не ни пресуши и окотот да не ни пцовиса Секоја можност е исцрпена хероите уморни десеткувани потрагата јалова Молкум Потајум си се повклекуваме во кожинката наша во чаурата ни за трајна хибернација БАЛКАН КлОака е на ереси и еретици што Европа ги пали и гасне по своите клади ги развлекува на прокрустијански постели и нехристијански им го жигосува гревот в мозок Јазол е од светло и темно што по правило само со нож се разврзува Крст-о-пат е од бесилки гумно од (к)оски вод-о-пад од солзи... Од премногу минато ни мир ни сегашност има. ЧИТАЊЕ Веќе не читам книги туку знаци за општа и лична опасност, parolé-и и изборни плакати, политички и вински карти, ѕвезди и планети на позлатени еполети, имиња на ’рѓосани куршуми... ...читам судбини крвави и м(р)ачни на сите ф(р)онтови од оваа ампутирана балканска дланка изб(р)аздена од ровови и гробови од вечни суши и громови селски маки и ме(н)тални погроми... ...со чепорошки и висоци откривам политички текови и подземни анархо-стерни, со ашици, черупки и коски претскажувам смени на влади, градба на пирамидални клади на кои душите си ги положуваме, сиромаштијата ја вложуваме за високи камати, па шетаме ко шупливи школки сетики во круг, еден-по-друг, еден-до-друг, еден за сите – сите за никаде, на крајот од овој век, во залезот од историјата, на раѓањето од трагедијата... Колку болно заоѓа ова балканско сонце и крвари кралски! ЕВРОПА (ламент со фолклорен призвук) Ах ти прелепа божице што богот наш суров без поштеда и пардон те опаша грубо сега освета слатка н спремаш судбината ко џамаданче ни ја кроиш и ни редиш приспивни бајки но не во сон сладок ами во очај и летаргија нè фрлаш Ах Зевсе ненаситен никаквецу од небесна сорта манијаку сексуален што несреќа на врат ни врза што грев в мозок ни жигоса та ни камшик ни пост велик оттаму не може да го истера Ах милост имај божице сјајна еве на колена клечиме пред портите на домот твој златен петиците ти ги целиваме услиши ја нашава молба прошка дај ни за гревот наш древен и прибери нè внатре бар малку тело запустено да одмориме и да згрееме душа грешна подај ни сал трошка од трпезата ти божеска и вечно името твое ќе го славиме и пелтечиме ОВДЕ Овде не сонуваме во ноќта оти ноќта и сон ни е и јаве, скукулени сме во светлина што не фрла сенка, во арткичка цибрина што ни ги шмука летниве школки, притаени сме во подмолна тишина и јанѕа каде глувонеми племиња бијат решителни битки по мегдани што кријат дамнешни лелеци и крици. Овде воспалена хистерија ни тропа на сегашноста ко неканет гостин, ја нарушува нашата удобна вкочанетост и квадрофобична тишина, та ко мамурни Самариќани и светски луѓе, секому портата ја отвораме, без да знаеме за сплетката, заговорот, измамата… Овде иднината со ремен околу вратот ни е врзана, тренираме по строго контролиран ред надгледуван од увозни политички шинтери, дрчни (бело)светски банкари и господари на војната, заградени со висок Шенгенски ѕид, од кој не пукаат при обид за бегство, туку, плукаат, плукаат… Затоа, дури и мртвите ни изгледаат навредени и гневни, затоа свадбите ги почнуваме со едноминутно молчење за неродените, затоа срцево ми гори како Црвениот плоштад во Москва, исплашено ми баботи како рафали на Тиен-ан-мен, работи како роб во безвредна бездна, го очекува прецизниот сараевски снајпер во оваа сардисана оаза на очајот, во овој европски бантустан без име и презиме, планирано и вешто ампутирана дланка чии прсти се грчат во Егејот и лазат по дното на Медитеранот барајќи по тамина егзил низ канали и теснеци кон мирниот бескрај отаде Океанот. МЕЃУ ДВА СВЕТА Скитнати меѓу два света еден мртов – другиот немоќен да се роди ни чело ни тил имаме Толку малку мозок ни остана per capita толку малку разум во предел од сури спили и сушни години Без чело а на чело со евнуси и ситни души Рече некој: „Ахеронт е пред нас“ – длабок ко живот Ноќиме во логор од некои претходни бедници полн брбушки и живин отпад и секој зачмаен во групниот грев го чекаме Бродарот без пари да не пренесе преку до брегот маглив до целта надежна до Спасот што пропаст е крајна до Крајот што светиот Спас ни е не е е ? ! . (аферим interim, interregnum 1990) СУДБИНА Како морнар на крајот од историјата, во окото на бурата, во папокот на светот што вири крв и ја шири, врзан за јарболот на овој балкански брод што ни тоне, ни плови, сиот уво незапечатено сторен го слушам појот на сирените што предупреда е за воздушен напад, го слушам татнежот на брановите што безглаво јуришаат ко кучиња дрчни и плескаат по овој познат – непознат брег, гризат... Тогаш знам: струите подводни, светски, незапирливо натаму нè носат: од Скила и Харибда кон прегратките на Европа безочна што ко Кирка дрочна свињи сака прво да нè стори да нè фрли во калта од кочината балканска и со помија да нè храни да си тера како што ѝ годи за потем, за малку барем да нè удостои, да ужива во нашите херојски епови и оди. БАЛКАНСКО ВЕРТИГО Нè врти, нè сучи, по ганглии, јазли и временски спирали, не нè води кон врвот, туку кон дното, кон вечни пизми распади и катаклизми. Во церебрална анемија нè води и во чиста алхемија, клетвите и пцостите ни се национално азно, камењето грумење златно ни се чини, а со черупките и скелетите – (моќните наши фаланги) си мислиме сите светски јазли ќе ги разврземе и до делтите на Нил, Инд и Ганг ќе стасаме. Но едно само останува нејасно: дали и тогаш ќе касаме или со опашка свиткана пак назад ќе вјасаме!? ШТО ЛИ СЕ ВЛЕЧЕ Што ли се влече ко провев по овие мрачни балкански коридори еродирани ли ерудити чумосани ероси ил’ радикали комунисти ил’ националисти крволочни ли екологисти со млечни заби што грицкаат национални резерви а по потекло од природни резервати со конзервирани глетки резервирани за изливи на племенски страсти и фројдовски комплекси на ситни разлики за разнобојни резервисти и презервативи Што и да се влече не ќе може до Витлеем ил’ Ерусалим да стаса ниту пак до Мека ил’ Медина ами по разни европски коридори во амбулантни полумесечини и крстови црвени (вјаса ли вјаса) во дивина од огледала да стаса во Версај каде од кројачи страшни нови коридори се кројат и од готово – вересија се прави ХИСТЕРИЈА (Косово, 1999, во мене и вон мене) Си ги слушам зборовите што ми тропаат на влезната врата: „Добар ден, има ли некој дома?“ Стојам занемен од ужас оти гласот ми го убија во претходната граѓанска војна. „Добар ден“, ги слушам зборовите што како качаци нервозно удираат со цокули и кундаци врз трошната врата од времето на цара Самоила без шпиунка низ која би можел да го видам нивниот гнев. „Д-б-р-д-н“, баботат избезумено согласките како барабани на војната и НАТО бомбардери што не сакам да ги пуштам внатре – во мојот идиличен свет во поетската република на меки билки и созвучја во постелата исткаена од најнежни нервни клетки. „Д-б-р-д-н“, брзга од клучалката се провира под прагот и ми лета право в очи ми ги пробива ушните тапанчиња рие по синусите ми ги гнои крајниците и крвототкот ми го леди. Ја отворам вратата наежен како македонска фаланга ги отворам очите што ми цветаат до слепило и како огнена ламја блујам бел крик паѓам на плеќи како вавилонска кула и грачам: „Добар ден –“ о-а-е. Самогласките ме галат по тилот ми ја вадат врската го разголуваат вратот и ме спремаат за балканската гилотина чие блескаво сечило со тресок се спушта од касата на влезната врата: „Д-б-р-д-н“. Добар ден. Добра ноќ. Ноќ. МОЕТО МАЛО ЈАС Кога го заградив моето мало Јас и си реков: Ова е мое тоа порасна и прерасна во диктатор личен и алчен. Сега побуни, стапици и подмолни зачки му спремам предавници и атентатори му местам, а всушност ко најнизок полтрон пред нозете му ползам и се лигавам пред неговиот трон. ПОТЕГ Ушниве тапанчиња ми баботат воени маршеви во главата, чеканчето и наковалната коваат нови зборови на насилство и ги пуштаат во оптек на политички митинзи по широките плоштади и тесните клисури на крвотокот. Го правам единствениот преостанат потег: излегувам од кафезот на војната во кој со години ја чувале птицата на мирот и по подземни канали одвај доаѓам до друга земја во која азбуката е како превртен планински венец а согласките се закопани во најстариот глечер. Доаѓам до нов предел на страста во кој самогласките се пој на птици-преселници што градат седел под трепките на невините на кои се сеќавам од претходниот живот и заработувам од продажба на гласни жици што знаат само за совршен крик. О заговорници на војната предатори на минатото и сегашоста сега сум сал еден од многуте скитници заталкани низ азбуките на светот кои зад себе оставија празни огништа и порти замандалени со клетви за вашите војни. Не чувствувате ли болка во вашите испразнети глетки? Кој ли е сега вашиот потег? ПОТРЕБА Треба ли да создадам свој облик за оваа балканска ноќ во која креветите со јанѕа ги очекуваат спијачите без имиња и лица? Треба ли да создадам свој збор за оваа одаја што говорот ја напуштил низ огледалата – празни камари на ѕидот во кои се коти бесмислата – и како Далиевски часовник во нови предели да истечам? Треба ли да ја почитувам историјата таква каква што е да јавам со најмоќните но не и најправичните без чувство на горчина и пораз без збунетост пред немоќта на поразените? Треба ли да застанам на тенката линија на отпорот што за мене е Кинески ѕид меѓу сонот и јавето меѓу минатото и иднината да дишам неол воздух стежнат од фатаморгани да чекорам со чекори од сто милји и никаде да не стигнам никогаш да не стивнам и да не сум таму каде што сум? Тогаш не минатото ами сегашноста е недопирлива оти нестварен е кошмар: се бранам од брзите студени шепи што џбараат по камарите ми ги шмукаат зборовите и ми оставаат сал мисла-лушпа сал тело-мешунка празна и глава ко бабарска маска. Дамарите запираат се спуштаат со тресок ќепенците... Ги отворам очите. Жив сум. Сè уште. Без лице. Без име. Во средината на жива рана. НА ЗАМИНУВАЊЕ Време е да си ги стокмам сите свои години (внимателно да ги сложам да не се измешаат) да ја осигурам куќата од далечни несреќи да ги зберам снте планини и утоки да ги здиплам лажните граници (знаците да ги запомнам и уништам) за некаде—во некое друго време пак да ја составам својата лична карта Решително тргнувам а не знам во чиј сон е сместено ова патување Се прашувам: што е животецов ако не е болно поаѓање во непознатото отаде залеаот и божилакот надвор од границите на свеста и знаењето кон тајната на она што не сме во сонот на врнежливите ѕвезди од каде ветршптата ни носат нови острови ненаселени како клетки ИСЕЛЕНИЧКА Зарем не ни е доволна оваа кожа што природно по потреба самите си ја преслекуваме па акаме како голтари – по светот скитаме болни од полиглосија занемени од Вавилонски вирус – циркус Го забораваме вкусот на млекото мајчино и породилните маки на првиот ни збор И што ако сме тогаш сигурни за праизворот на делтата кога течението ни станува сè – и извор и утока и утеха возбуда и нуркање во смислата што ни бега – заблуда Обезличени си ги бараме стапалките ехо на нашата смеа и сиромаштија плач и богатство та катаден длабиме ровови – гробови што времето ни ги трупа и со остри копја враќањето ни го оспорува ТРКА Мора ли во сè да гледаме трка кога Смртта ни е цел заедничка? Па спориме за дел од секунда, го решаваме победникот низ фото-финиш, со жрепка, склони сме на допинг и лага, забораваме на фер-плејот, на нашиот природен чекор – та итаме со невиден напор и грч, трчаме барабар со ветрот, се фрламе во целта – во прегратките на Онаа која искрено ќе ни ја честита победата, грижовно ќе не завитка во својот плашт и ќе нè легне во меката постела на заборавот. ИСТОРИЈА Кога месечината е излупен портокал што дрочи во ноќта – Минерва, бувот, потамина излетува во мракот и ревносно, со радосно уво, го слуша секој мрмор од претходниот ден, го следи секој грч во сонот, ја заушува најтивката љубовна воздишка и без ништо да нарушува, со сателитска прецизност ја наоѓа својата жртва. Потем дење, кога сонцето е калаисано котле што се тркала и ѕингара по небото, кога безглаво итаме кон нашиот одложен крај и немаме време да се видиме, да видиме кој од нас го нема, ни фали, таа спокојно, во своето дувло, уловот си го прежива и вари. 5. Од пишаното не се бега (Допевања и коди) КОГА ПИШУВАМ... Кога пишувам за пролетта патувам по поле послано со отклучени насмевки и степенот на омраза кон непријателите на мојот народ нагло се смалува Кога пишувам за летото удира крупен град врз кожата на воениот барабан а гајдата на полето пишти исплашено над насобраната летина што ни птиците не ќе ја колваат Кога пишувам за есента солзи капат од крилјата на птиците здурнати во краен егзил а внатрешниот непријател на мојот народ се подготвува за зимска офанзива за да го одложи сонот на мечките Кога пишувам за зимата небаре излегувам по весник и цигари го оставам последниот зрак од денот како бакшиш и исчезнувам засекогаш отаде границите на ноќта во ново постоење што жедно ќе ја вдишува пролетта ПОТРАГА Потрагата по себеси е анонимна одисеја кон подземен предел – во пејзаж низ кој истекува пбезглавен залез и остава ѕвезди во бескрајот да капат. Во окото шурка крвта тромо тишината тешка се валка бесшумно клокоти се меша – мачка е што кон тишината се краде се таложи во темница густа и кога мислиш дека светот се пусти замолчен во прангите на векот тој без прашања и одговори си трае. Тогаш едриш по тивко ветре во мирна скипната вечер низ вир преполн месечина и набабрен песји лаеж што го вкусил мискот на ѕвездите и кон олтарот небесен се крева. Рев е тоа на самотијата што колку погневно од себе ја тераш толку поверно кон тебе се бвраќа. ОД ПИШАНОТО НЕ СЕ БЕГА Зошто толку страсно сакаме однапред да ги предвидиме несреќите и кобниот час? Во битката со секој миг неизвесноста е она што нè прави силни издржливи и упорни, а одложувањето на крајот со надеж нè полни и со радост за секое дочекано утро. Од пишаното не се бега, но кој е тој што ќе ни каже кога љубовта доаѓа, кога таа си заминува? УТЕХА Колку ли само несреќа и смрт го демне овој свет од примките на стварноста, а каква ли благост топлина и радост меѓу дрочните боски на заборавот. Затоа колку чудно е кога ќе сфатиш дека само со утеха несреќите се преживуваат и само со утеха слабоста се раѓа што на несреќите им претходи. КОДА О деланки мои со лице без кожа чеда на бладања тивки ни дабјакот – глужд столетен поцврст од вас не е Што толку чедно голуждраво тогаш на огнот му се подавате? Знам во жилките ваши засекогаш тлее жарчето на годот – кодот скришен низ времето што длаби О О мој болу меву мој празен што кркориш стихови дребни и мазни (некој ќе рече празни а јас велам азни) заслужувам ли казна ако зборот ко бор вишен го имам да каже да стежне да скрие да лаже... Да ја каже тежината на кажувањето да ја стежне леснотијата на кажаното кажувањето да ја каже тежината да ја скрие кажаното леснотијата. ITE Може ли да се пее да се гради нова градба а да се коваат стари црвоточни греди да се бара метален сјај а со ’рѓа кон Елисеум да се појде и кон саканиот бескрај ај... ај... О песно ти што за побуни не знаеш и дозволуваш бездарници да те облекуваат во претешко руво место во копрена лесна та звучиш празно и глуво крени наведена глава појди кај нив и кажи им дека така не се прави слава треба да се љуби да се ’ржи и мава – оти без отпор нема потпор без љубов џабе ни е трудов Само така треба да се пее и до ширниот Елисеум да се стаса.